Sharla
Настоящее имя: Sharla
Шарла/Sharla (Record Label) - независни изданија, Скопје 2013
Да се стартува музички label кој издава CD изданија во Македонија во 2013-та е авантура слична на вршење мала нужда среде ураган во Мексички залив. Но некој мора да го прави и тоа, нели? Зошто? Затоа што сè што знае да произведе оваа проклета земја се пиперки и музика. За ајварот сè најдобро, ама нас нè интересира музика. И тоа онаа највозбудливата, слободна, храбра и недвосмислено потребна во овој вртлог од време-простор кој ги голта сите надежи за достоинствен културен живот. Не дека ќе го смени светот, ама веруваме дека нашиот мал, позитивен спин ќе го почуствуваат сите оние кои сакаат да живеат како нормални луѓе во својот град, слично како нивните пријатели во Берлин, Лондон, Амстердам... Затоа, ви ја претставуваме малата Шарла, независна издавачка куќа за музика, литература и останато.
За почеток, стартуваме со издавачки концепт познат како EP клуб, едиција во која ќе ви претставиме нови бендови и артисти, како и side проекти на некои поетаблирани имиња од нашата независна сцена, и тоа во EP формат кој е совршено прикладен за запознаваење со нечија музика.
Со цел да се произведе што поавтентичен аудио-визуелен запис за времето во кое се случуваме, за потребите на секое издание покануваме по еден млад уметник/дизајнер од надоаѓачката скопска ликовна сцена да го изведе решението за обвивката на албумот. Со ова авторско поврзување сакаме да му дадеме генерациски белег на овој проект, имајќи ја предвид количината на талент и полет кај младите музичари и уметници кои се развиваат едни покрај други, овде и сега.
И покрај тоа што сме спремни да копаме по туѓи компјутери и да дремеме по секакви гаражи и локали за да дојдеме до нашите пулени, ги повикуваме сите бендови и артисти кои имаат материјал за издавање да го достават до нас на sharla.izdanija@gmail.com
Нека живее Шарла.
sharla.izdanija@gmail.com